Почитувани пријатели на музиката – покровители и спонзори,

Во име на сите пријатели на музиката и поклоници на македонската културна традиција, Ве повикуваме на соработка во организација на годинешниов, 26. „Охрид Фест –Охридски трубадури“, единствениот фестивал на популарна македонска музика кој одамна ги надминa границите на нашата земја.

Со почит и гордост истакнуваме дека минатата година прославивме 25 години на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.  Јубилејот беше на високо уметничко ниво, проследен со должно внимание на јавноста: освен во нашата земја, Фестивалот беше пренесуван во живо на повеќе странски телевизии, меѓу кои и:  Балканика, Бел ами,  Коперникус, Тв Z1, CMC, Хајат, Визион плус, ТRT, Тв Шансона и INTV.

Во третата деценија од своето постоење Фестивалот прерасна во омилен собир на пејачите и на културната јавност од земјата и од регионот, со пораките и влијанието далеку надминувајќи ги нашите и балканските, па и европските простори. Благодарение на септемвриските фестивалски денови, еден е од најзначајните настани и во културно – туристичката понуда на охридската ривиера, давајќи му посебно и особено значење.

Со поддршка на институциите, во тек е подготовка на програмата на 26. по ред издание на „Охрид Фест –Охридски трубадури“. Освен редовниот натпреварувачки дел, дирекцијата на Фестивалот секоја година организира и бројни пратечки содржини и настани.

За комплетна организација потребни се значителни финансиски средства поради што, во името на сите пријатели на музиката и поклоници на македонската културна традиција, Ве повикуваме на соработка во организација на годинешниов „Охрид Фест –Охридски трубадури“.

Ви нудиме можност за непосредно учество во настаните и промоција на Вашата компанија. Рекламно – промотивното присуство на комуникациските материјали и содржини на Фестивалот за поголема видливост и брендирање на спонзорите подразбира:

  • Лого присуство на фестивалската презентацијата на прес конференциите, како и на просторот на прес центарот;
  • Лого објава на печатени и промотивни материјали – на билборд, плакат, флаер, банер, како и на фестивалските влезници; 
  • Лого присуство на сајтот на „Охрид Фест – Охридски трубадури„
  • Лого објава на ДВД од сите фестивалски вечери;
  • Рекламно присуство на видео зид за времетраење на фестивалските вечери;

Согласно Вашите желби и потреби, можно е прилагодување на спонзорските пакети. На своите покровители и спонзори Фестивалот може да им обезбеди:

  • Емитување на рекламен видео запис за време на директниот пренос на фестивалските вечери;
  • Кајрон –реклама поставена по еднаш или два пати во текот на една или три, односно шест пати во сите фестивалски вечери;
  • Според сценариото водителите ги именуваат компаниите, нивните производи или услуги два, односно шест пати во текот на една или сите фестивалски вечери;
  • Можност за учество на претставник на компанијата во жирито на Фестивалот;

На Вас останува да одберете каков деловен интерес и облик на соработка гледате во тоа.

Веруваме дека Вашата компанија ќе ја препознае вредноста на манифестацијата, се надеваме дека ќе ни помогнете во реализацијата на овој исклучителен музички настан и дека деловната соработка ќе биде од взаемен интерес и задоволство.

Стоиме на располагање за сите дополнителни информации.

Се радуваме на нашата идна соработка!

Дирекција на „Охрид Фест –Охридски трубадури“