Интернационалната вечер на годинешниот Охрид Фест – Охридски трубадури ќе остане запаметена по специјалното шоу на Jim Jidhed - музичката ѕвезда од Шведска. Врвниот мелодиски рок пејач, кој прв пат настапуваше пред македонската публика, приреди импресивно, но и емотивно шоу, воодушевувајќи ја публиката
Инаку, Jim Jidhed е шведски рок-пејач, еден од најценетите во мелодискиот рок. Првиот значаен успех го има доживеано во осумдесетите, со групата “Alien”. По хитот „Only one woman “(“Само една жена”) од 1988 година, “Alien” со Jim станува најголема мелодиска рок-група во Шведска.
Како што ни раскажа во Охрид, Jidhed со “Alien” и годинава создава и снима. Љубителите на нивната музика ширум Европа и не само оние кои ги помнат од осумдесетите, со нетрпение го очекуваат новиот албум најавен за февруари идната година.
Инаку, по првиот соло албум наречен „JIM“, во 1991 година, Jidhed ќе создаде уште девет албума, како и бројни синглови, а ќе реализира повеќе турнеи и концерти низ градовите во Шпанија, Англија, Германија, Ирска... Освен како рок пејач, Jidhed е познат и како тексто-писец и автор на песни за пејачи од Шведска и од странство.
За гостувањето на Интернационалната вечер на Охрид Фест Охридски трубадури на легендарниот, темпераментен, силен, но и топол рок – пејач од организаторот му е доделена специјална благодарница за учество во Фестивалот.
Останува и неговото ветување дека ова беше негов прв, но секако не и последен настап во Охрид и дека идната година можеби ќе го видиме заедно со “Alien” и – со новиот албум.