Македонската поп ѕвезда Александар Митевски и извонредниот наш актер Драган Спасов Дац, ќе настапат на „Охрид фест – Охридски трубадури“ на 6-ти септември.  На изненадување на публиката ќе биде изведена дуетска композиција.  Тие велат, љубовта и емоциите во стиховите ќе допрат  до срцата на публиката.

Александар: На фестивалите не сум настапувал скоро 20 години, а годинава ја прифатив поканата на маестро Копров да се вратам на сцената, во дует со Дац. Многу веруваме во песната која ја подготвувавме долго време. Има силни стихови и емоции, хитовски ритам и нема човек што може да остане рамнодушен на такво нешто. 

Дац: Ова е градска песна која веруваме дека ќе остане да се пее по кафеаните низ Охрид, Скопје и насекаде низ земјата. “Цреши охридски” е љубовна приказна која остава без здив, напишана во Охрид и инспирирана од него.

Заедничкиот момент што ги спојува двајцата уметници е сцената. Долгогодишната соработка со професионалците, според нив овозможува дружење и компонирање песни со искрени чуства.

Дац и Александар: Доаѓаме за добро дружење, да дадеме и наш шмек на фестивалот кој опстојува долго години и е вистински бренд на Охрид. Ќе одглумиме, ќе отпееме, ќе пренесеме љубов и емоции – тоа е рецептот по кои ги правиме песните. Очекуваме убава атмосфера, со медитерански призвук, покрај преубавиот Охрид. И секако публиката да си ја одбере песната која ќе и легне на срце.

Митевски и Дац, како репер за помладите со искуство генерации велат потребно е да се зачува убавината на македонската музика.

Дац: Убаво е што фестивалот има и млади автори, млади пејачи, но и веќе истакнати, докажани имиња. Време е македонската песна да се врати на пиедесталот на кој заслужува да биде. 

Александар: Дац е актер, јас сум кантавтор-исполнител и сакаме да дадеме поттик на сите млади, но и веќе докажани автори и пејачи дека треба да пишуваат, да создаваат, со еден збор – да се пее. Нашиот народ е желен за убави искрени песни.