Почитувајќи ги мерките донесени поради пандемијата со корона- вирусот (задржана физичка дистанца помеѓу публиката, носење заштитни маски и мерење на температура на влезот), овој викенд, на најубавата сцена на Балканот – на Долни Сарај, се одржа популарниот „Охрид-фест“. Пејачите во топ- форма, 19 прекрасни песни, различни ритмови, нагласена охридска чалгија, потоа- традиционалните ритмови, неколку романтични романси, омилени изведувачи, неколку имиња што допрва ќе ја освојуваат сцената, и кај сите нив голема желба да и се вратат на песната! Веројатно затоа и фестивалот беше полн со исчекување и навистина убава атмосвера. Се разбира ова беше „новата нормалност“ и наметни нови правила поради Ковид-19, но голема е желбата а богами и вербата дека се ќе биде по старо следната година, со стандарна концепција од три вечери, многу гости од Балканот, многу новинари и секако многу публика, која во досегашното траење на фестивалот демонстрираше колку го сака „Охрид-фест“. Како што веќе известувавме, на фолк изданието на фестивалот слушнавме и видовме, преку директниот пренос на МРТ, 19 композиции, а бодувањето се случуваше со гласовите на наши и со радијата од дијаспората, и секако со гласовите на жирито, присутно на фестивалот. Првата награда од публика им припадна на „Скопски Боеми“ кои ја изведоа „Љубовта е скапа играчка“ (муз. Петар Кан, т. Огнен Неделковски и ар Цане Петров). На Ибро Лабунски му припадна втората награда а тој ја изведе „Анѓо моја судбино“ (муз и текст Ибро Лабунски, ар. Суад Усеин Цуле), додека третата награда од публика ја доби Благоја Грујовски: „Не се будам без тебе“ (муз. Иво Горов, т. Огнен Неделковски и ар. Љупчо Соколовски). Жирито своите гласови им ги даде на Зоран Христов и песната „Ќе те носам на југ“ на Горан Шарац, со аранжман на Ц.П. Дундарак и стиховите на Огнен Неделковски. Нино Величковски ја доби втората награда, изведувајќи ја песната „Чувај не песно“ на Филип Неделковски, со текст на Огнен Неделковски и аранжман на Петар Кан, а на третото место се пласираа Катерина Брезева и „Соната“ со песната „Кажи ми кажи“, (музика и аранжман на Петар Кан и текст на Драган Матески). Наградата за најдобар аранжман му припадна на Јовица Каралиевски за песната „Побарај среќа“ што ја пееше Петар Нечовски. Награда за најдобар текст- Јован Павловски, му припадна на Огнен Неделковски за стиховите на песната „Мој Охриде“ што ја изведе Добрила Чабриќ- Ивановска. Најтрубадурска песна е „Животот е еден“ што ја изведува Милован Секулоски и Позитив бенд (муз и т. Милован Секулоски Ар. Гоце Цоцески). Специјалната награда „Долни Сарај“ ја доби Ирена Спасовска и песната на Горјан Стојановски и Цане Петров „Кокиче“. Награда за најдобара интерпретација и припадна на Јуле Николовска а специјалната награда „Аце Ангелески“ ја доби Анета Арсовска за „Зароси љубов“. Барбара Јаковлеска е добитник на наградата за најдобар сценски настап, додека за најдобар дебитант е прогласена Гордана Микиќ. Најслушана песна помеѓу двата фестивали е „Моето семејство“ што ја пее Методија Столески. Тоа е она што се однесува до наградите. Другиот дел, песните сега го имаат отворен патот до слушателите, и тие ќе си го имаат  своето траење. „Охрид- фест 2020“ заврши, но организаторите веќе од утре почнуваат со плановите и подготовките за следната година. Се гледаме на „Охрид- фест“ 2021!