Неколку дена пред „Охрид- фест“ ве наоѓам во работна атмосфера: се е во знак на музиката, снимањето, се довршуваат песните… – Еве, веќе 8-ма година како уживам во обврската – уметнички директор на Охрид фест „Охридски Трубадури“ и секако уживам (работно) во подготовка на новото издание на фестивалот. И, кога има позитивна енергија собрана од некои- безмалку стотина души и тоа се врвни уметници, и кога си ја сакаш работата што ја работиш, сигурно е прекрасна атмосфера. Годинава поради пандемијата со Ковид 19, „Охрид фест“ ќе има само фолк вечер, што е адут за 27-мото издание на фестивалот. Што ќе преовладува- охридската чалгија или современиот звук? – Како и секоја година, така и оваа ќе биде исполнета со различни стилови но многу ефектно подредени, што значи, ќе има и охридска чалгија, ќе има и модерни песни, ќе има љубовни, весели и помалку тажни песни, сето тоа пропратено со енергијата која ја носат нашите врвни уметници, кои и покрај моменталната ситуација, сепак го имаат задржано веселиот дух. Ќе има ли групи годинава, и кои пејачи ќе настапат на сцената на Долни Сарај на 11 септември? Ќе биде ли силна конкуренцијата? – Секако дека ќе има групи- „Скопски Боеми“ и веќе легендарните Трајче „Мајка“, Гокса, Влатко, Дејан, Марко секако тука сум и јас. Традиционално учество ќе земат и Катерина Брезева и групата „Соната“ од Велес – врвен и прекрасен бенд кој свири секаква музика и ја има претпознатливоста со единствениот вокал на Катерина, и уште еден добар бенд кој доаѓа од Струга – Милован Секулоски (со волшебен глас) и „Позитив бенд“, кој веќе неколку пати има победувано на „Охрид фест“. Штом веќе почнав со откривањето на учесниците, ќе ги кажам и останатите имиња: Благица Павловска, Ирена Спасовска, Анета Арсовска, Јуле Николовска, Барбара Јаковлеска, Гордана Лазаров, секако тука е и легендарната Добрила Чабриќ, од машките изведувачи, веќе го кажав Милован Секулоски, потоа- Благоја Грујовски, Петар Нечовски, Нино Величковски, Јовица Мицевски Бамбус, Ибро Лабунски, Зоран Христов, Мишко Србиновски- Микеле, тука е уште еден млад и надежен Стружанец – Методија Столески, кој зад себе веќе има десетина сериозни фестивали и исто толку награди, како и наградата за најдобар пеач на Пирин фест 2018. Како годинава, со оглед на ситуацијата ќе оди гласањето ? – Годинава внесуваме новитет во гласањето: досега покрај стручното жири имавме и жири во кое беа вклучени познати личности од различни струки, тие всушност беа представници на публиката и на секој фестивал, на крајот ги даваа своите гласови по евровизискиот принцип. За разлика од тоа, оваа година “online” ќе гласаат представниците на нашите Македонски радио станици од целиот свет. Сакаме да дојдеме до што повеќе слушатели, кои ќе ги гласаат своите фаворити.