
Нов ритам и модерни аранжмани се најавуваат на 26. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури 2019.
„Големите музички звезди од земјава и соседството ќе блеснат, додека фестивалот дава приоритет секогаш на младите талентирани имиња“, вели Горан Милошески уметничкиот директор на поп вечерта на Охрид фест – Охридски трубадури, која ќе се одржи на 6 септември.
Милошески кој во својата музичка кариера организираше повеќе фестивали меѓу кои ,,Тинфест” и ,,Мелфест”, со победата на Охрид фест во 2017 и композицијата „Очи зелено-сини“, на покана од советот на фестивалот ја презема функцијата уметнички директор.
„Од тие убави моменти, досега се променија аранжманите, сцената и манифестацијата прогресира од година во година. Со љубов прифатив да бидам дел од организацијата на фестивалот, во кој учество земаа многу квалитетни и перспективни пеачки имиња како Огнен, Рени, Лени, Анастасија, Чоки, Филип… Не сакам да пропуштам некого од прекрасните изведувачи….“ – со насмевка раскажува директорот Милошески. Дел од нив земаа учество на интернационални фестивали на Балканот каде ги освоија највисоките награди.

Оваа година, во музичките стилови ќе можат да се слушнат од рок, техно до безвремнски шлагери на композиции на сцената на Охрид фест- Охридски трубадури. Визуелните ефекти, ќе го достигнат својот врв со видео позадини за време на настапите на изведувачите.
„Новина на фестивалот е можноста да се појават двајца дебитанти, како младите Деспина и Дамјан. Композициите на сите изведувачи се снимаат во повеќе студија, бидејќи имаме одлични композиторски имиња и аранжери кои се вклучени во подготовката на фестивалот. Да не ги изоставам и реномираните текстописци кои се максимално посветени на инспирацијата или пак помладите како Пензоф бенд.
Особено сум задоволен што во нашиот организационен тим имаме промена и подмладок. Со оглед на нивната професионалност, со гордост очекувам успеси на фестивалот во наредните години“ – изјави Милошевски.
Уметничкиот директор на поп вечерта од овогодинешното издание, очекува хитови кои ќе се паметат и ќе се пеат наредните децении.
На фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“ се запаметени најпознатите музички имиња кои својата кариера ја започнале на оваа сцена, а денес се враќаат во ревијалните шоуа.
Трите вечери на фестивалот кои се состојат од фолк, поп и интернационални изведби, започнуваат на 5-ти, а завршуваат на 7-ми септември со музичките гости од Балканот и Европа.