Настапувате, дебитирате на „Охрид фест“, и како вокален интерпретатор но и како автор на текстови. Раскажете ни нешто за песната, ангажманот со стиховите… – Оваа година ќе се одржи 27-мото издание на „Охрид фест“, а мене ми е прв настап и прво мое појавување на овој фестивал и како интерпретатор и како текстописец. Идејата за настап на фестивалот се роди уште пред извесно време, но оваа година се склопија коцките за текстот кој го напишав да го добие своето музичко руво и стиховите кои ги создадов да бидат преточени во прекрасна мелодија.

Што ви е музиката, песната: љубов или релаксација? – Музиката ми е една од големи љубови и храна за душата, а песната која ја создавам е всушност говорот на душата. Секоја создадена песна е посебна приказна, која низ стиховите и нотите раскажува нечија судбина. Во секоја од нив основната нишка е љубовта, некогаш платонска, некогаш исконска и искрена. Музиката ја засакав од најмала. Во моето семејство пееше баба ми, тетка ми, а чичко ми беше генијалец кој свиреше скоро на секој можен инструмент што постои и професионално се занимаваше со музика. Јас пак пеев во училишниот и градскиот хор во моето родно Кавадарци. Но судбината и животот ме однесоа на Правниот факултет во Скопје и јас се определив за правните науки, но сепак љубовта кон песната и творењето на текстови за музика, како и пишувањето на поезија објавена во повеќе збирки, не е запрена. Ова мое хоби кон музиката, кон убавиот збор создадоа песни кои дел од нив ги испеав јас на неколку фестивали, а некои ги испееја други интерпретатори. Убаво е чувството кога емоцијата е преточена во музика и кога со емоција се интерпретира, тогаш таа допира до сетилата, до душата на публиката. Без музика светот би бил сиромашен, затоа што песната дава сила, му дава боја на животот.

Убавиот збор навистина е дел од вашата душа, се чувствува. Што очекувате од настапот во петок? Патем, дали инспиративно творите? – Фестивалот „Охрид фест“ е инспиративен за мене, како и градот Охрид со својата посебна убавина, како бисер на Балканот, така да и песната која ја создадов и со која ќе настапувам е инспирирана од убавините на езерото, како и од искрената љубов како вечен предизвик. Со моето учество на „Охрид фест 2020 “очекувам преку настапот автентично да ја пренесам содржината на песната, преку бојата на тоновите, како дел од нејзиниот аранжман. Фестивалот „Охрид фест“ е од натпреварувачки карактер, но сепак сметам дека покрај натпреварувачкиот дух кај сите учесници на фестивалот треба да преовладува и да се развива и меѓусебната колегијалност и почитување. Оваа година „Охрид фест 2020 “ ќе има малку поинаков карактер, а тоа е барем за кратко преку песната да го отргнеме нашиот народ од актуелната пандемија од Ковид- 19 и затоа сметам дека оваа пригода има и социјална димензија. Повелете на „Охрид фест 2020“ за да уживате во прекрасните мелодии и рефрени.