Еден од најплодните хрватски автори: композитор, текстописец и аранжер, Ненад Нинчевиќ е годинешниот добитник на наградата за промоција на музиката на Балканските простори, што „Охрид-фест“ традиционално ја доделува секоја година. За жал, поради состојбата со пандемијата на Ковид-19, Нинчевиќ нема да присуствува на фестивалот на 11 септември, но особено се радува на ова признание. – Многу ме радува наградата, вели Нинчевиќ. – Долга е традицијата на вашиот фестивал „Охрид-фест“ и знам дека го води стручен тим на чело со ценет колега Григор Копров. Често знам да кажам дека не е лесно да си хитмејкер: на секого му се случува понекоја песна, понекоја награда, но најважен е континуитетот и бројот на „живите“ песни. Тоа се оние композиции што се изведуваат секој ден, без оглед на тоа што настанале пред десетина па и повеќе години.“ Нинчевиќ ја има романтичната нота во перото а со негов потпис се „Пут путујем“, „Пиши ми“, „Липа си липа“, „Благо оном ко те има“, „Није у шолдима све“, „Ево мене моји људи“„Далматинка“.., но и „Лагала нас мала“, песна што ја пеат Тоше и Тони Цетински. „Google“ вели дека Нинчевиќ напишал повеќе од 2000 песни, испеани од Оливер Драгојевиќ, Зорица Конџа, Јасна Злокиќ, Златко Пејаковиќ, Тони Цетински, Горан Каран, Мишо Ковач… Инаку Нено, како што го викаат пријателите, беше член на популарниот сплитскиот бенд „Тути фрути“, што во 80-тите се прослави со „Ствари лагане“, Крила лептира“, „Наслони главу на моје раме“.., а неколку години беше и директор на етаблираниот Сплитски фестивал. Новата работа со неговиот потпис е мјузиклот „Наша била шторија“ со 34 изведувачи, а Северина и Горан Каран во главните улоги.