28 години Интернационален музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури„

Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури„ е еден од најстарите македонски музички фестивали што со децении опстојува и успешно функционира. Основачот на Фестивалот и уметнички директор, реномираниот композитор Григор Копров, Фестивалот го создава во далечната 1993 година, со цел да се зачува охридската староградска песна. Трубадурите низ годините што следеа прерасна и во Охрид Фест, а Фестивалот ги надмина не само нашите,туку и балканските и европските граници, создавајќи  аудиториум од над 210 милиони гледачи, во педесетина земји во Европа и низ светот.

Во фестивалските анали стои и дека пејачи од 37 земји во Европа и светот на „Охрид Фест – Охридски трубадури„ имаат изведено околу две илјади музички нумери. Медиа архивата содржи 4100 информации во весниците, како и над 3800 радио и телевизиски извештаи.  Фестивалските изданија во просек реализираат по околу 200 часови директен пренос од петнаесетина балкански телевизии, меѓу кои и оние специјализирани за музика, како “Пајнер” и “Фен” од Бугарија. Од година во година се зголемува и збогатува комуникацискиот мозаик во кој  „Охрид Фест – Охридски трубадури„ го наоѓа своето место. Преносите кои ги емитуваше Македонската радио телевизија преку сателитската програма можеа да ги следат и гледачите од Америка, Австралија , Азија и Европа.

Дваесетото издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури„ е одбележано со јубилејна монографија и преселба од „Долни Сарај„ до езеро. Сцената поставена кон центарот на градот остава впечаток дека фестивалот живее со градот, дека песните и пејачите се упатени кон охриѓаните и сите гости.  Замислата фестивалот да биде за сите оние кои тие денови се во градот, од септемвриските фестивалски денови ќе направи прекрасни одридски доживувања. Можеби и поради тоа што фестивалските вечери не завршуваат со гасењето на камерите, туку продолжуваат со забави на кои учесниците се грижат за прекрасната атмосферата и дружењето.

Во третата деценија од своето постоење Фестивалот е омилен собир на пејачите и на културната јавност од земјата и од регионот, со пораките и влијанието далеку надминувајќи ги нашите и балканските, па и европските простори. Благодарение на септемвриските фестивалски денови, еден е од најзначајните настани и во културно – туристичката понуда на охридската ривиера, давајќи му посебно и особено значење.

Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“ го прослави 25 години постоење. Јубилејот беше на високо уметничко ниво, проследен со должно внимание на јавноста: освен во нашата земја, Фестивалот беше пренесуван во живо на повеќе странски телевизии, како  Балканика, Бел ами,  Коперникус, Тв Z1, CMC, Хајат, Визион плус, ТRT, Тв Шансона и INTV.

Во изминатите години и децении на сцената на Фестивалот поминаа многу познати ѕвезди,  како наши така и балкански. Тука за прв пат се слушна ангелскиот глас на Тоше Проески со “Усни на усни”, тука за прв пат награда во кариерата доби тогаш недоволно познатата Преслава од Бугарија, тука дел од кариерата градел и гради Ѓоко Танески, а настапувале: Владо Јаневски, Калиопи, Ристо Самарџиев, Биба, Бајага, Чоби, Тино Фаваза, Благица Павловска, Гоце Арнаудов, Ленче Дедејска… На 23. издание на фестивалот главни ѕвезди беа светски познатата група *Бони ем* и една од најдобрите балкански пејачки- Маја Оџаклиевска на која и беше доделена и наградата за животно делo.