Нов ритам и модерни аранжмани се најавуваат на 26. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури 2019.

„Големите музички звезди од земјава и соседството ќе блеснат, додека фестивалот дава приоритет секогаш на младите талентирани имиња“, вели Горан Милошески уметничкиот директор на поп вечерта на Охрид фест – Охридски трубадури, која ќе се одржи на 6 септември.

Милошески кој во својата музичка кариера организираше повеќе фестивали меѓу кои ,,Тинфест” и ,,Мелфест”, со победата на Охрид фест во 2017 и композицијата „Очи зелено-сини“, на покана од советот на фестивалот ја презема функцијата уметнички директор.

„Од тие убави моменти, досега се променија аранжманите, сцената и манифестацијата прогресира од година во година. Со љубов прифатив да бидам дел од организацијата на фестивалот, во кој учество земаа многу квалитетни и перспективни пеачки имиња како Огнен, Рени, Лени, Анастасија, Чоки, Филип… Не сакам да пропуштам некого од прекрасните изведувачи….“ – со  насмевка раскажува директорот Милошески. Дел од нив земаа учество на интернационални фестивали на Балканот каде ги освоија највисоките награди.

This image has an empty alt attribute; its file name is 21414759_874365002718385_5345174716463670580_o.jpg

Оваа година, во музичките стилови ќе можат да се слушнат од рок, техно до безвремнски шлагери на композиции на сцената на Охрид фест- Охридски трубадури. Визуелните ефекти, ќе го достигнат својот врв со видео позадини за време на настапите на изведувачите.

„Новина на фестивалот е можноста да се појават двајца дебитанти, како младите Деспина и Дамјан. Композициите на сите изведувачи се снимаат во повеќе студија, бидејќи имаме одлични композиторски имиња и аранжери кои се вклучени во подготовката на фестивалот. Да не ги изоставам и реномираните текстописци кои се максимално посветени на инспирацијата или пак помладите како Пензоф бенд.

Особено сум задоволен што во нашиот организационен тим имаме промена и подмладок. Со оглед на нивната професионалност, со гордост очекувам успеси на фестивалот во наредните години“ – изјави Милошевски.

Уметничкиот директор на поп вечерта од овогодинешното издание, очекува хитови кои ќе се паметат и ќе се пеат наредните децении.

На фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“ се запаметени најпознатите музички имиња кои својата кариера ја започнале на оваа сцена, а денес се враќаат во ревијалните шоуа.

Трите вечери на фестивалот кои се состојат од фолк, поп и интернационални изведби, започнуваат на 5-ти, а завршуваат на 7-ми септември со музичките гости од Балканот и Европа.