Барбара, и годинава сте дел од популарниот „Охрид- фест 2020“, што ќе се случува на 11 септември. Какви ви се емоциите, бидејќи настапот на фестивал значи и средба со вашата земја, драгите луѓе… Потоа, каква е песната со која настапувате и дали го следи вашиот внатрешен ритам?
– Да, секое  доаѓање во Македонија ме прави многу среќна а посебно  дружбата со моите пријатели и драгите колеги. Токму затоа со нетрпение го очекувам настапот на „Охрид фест“… Минатата година настапив со мојот драг колега Ели Рамик, од популарното шоу „Никад није касно“. Песната ја освои втората награда од жирито. Годинава настапувам сама, комплетен автор на песната е мојот драг пријател и колега Цане Петров. Нашето  познаство и дружење потекнува уште од тинејџерски денови, преку многубројните настапи и турнеи со Пионерскиот дом Карпош и КУД  „Орце Николов“…Песната е прекрасна, весела како што сум и јас.
Велат, тие што пеат ја носат радоста во срцето. Колку ви значи пеењето, колку е вашата страст? Всушност, како ви се случи песната?
-Живеам и работам во Швајцарија од 1988 година, во Фирма поврзана со оптика за  медицина. Но, песната, поточно музиката ме прави многу среќна. Додека работам на микроскоп, работниот ден го почнувам и завршувам слушајќи музика и на тој начин добивам поголем елан за работа.
Првиот мој настап беше на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1977 година, со песна на Александар Џамбазов и ми ја донесе првата награда. Прекрасен почеток. Потоа бев член на Младинскиот хор при Домот на младите под диригенската палка на Запро Запров, заедно со драгите колешки Калиопи и Сузана Спасовска. Имам убави спомени од нашите натпревари во бившата заедничка земја Југославија. Што да кажам, песната едноставно го исполни мојот живот.
Како средношколка бев и членка на КУД „Орце Николов“, период исполнет со многубројни турнеи во Европа и подалеку…Кога би пишувала за турнеите не би можела  сите спомени да ги соберам во една книга. Најголем настан се концертите во Северна Кореја и настапот на роденденот од Кимел Сунг, председателот на Северна Кореја.
Потоа направивте пауза?
– Полека, полека моите соништа стануваа стварност. Од 1986 до 1988 година настапував во повеќе европски земји…Последната турнеја ми беше во Швајцарија, тука и останав. Продолжив со пеењето, имав настапи и во другите соседни земји.
Во 1996 година, уште еден сон ми стана стварност- се остварив како мајка, мојот син Дино, огромната љубов и посветеност кон него беа прична да направам пауза со пеење. Поминаа години, тој растеше….После долга пауза, благодарејќи на мојата драга пријателка и колешка Благица Павловска се вратив на Македонската Естрада… Настапував на многу фестивали- Охрид фест, Филиграни, Роса, Еурофестивал, Пирин Фолк, Гоце фест…Тогаш сватив колку ми фалеше песната и дружбата. И кога нешто што многу го сакаш го препознаваат и другите се случуваат награди, признанија, имам два Гран приа и на мојата среќа и нема крај.
Настапот во музичкото мега популарно шоу „Никад није касно“, каде имавте забележен успех, има и друга симболика за вас?
– Во периодот 2017 и 2018 година се натпреварував во шоуто „Никад није касно“ во Белград и успешно дојдов до полуфиналето, и да- презадоволна сум со мојот успех. Натпреварот  во Белград во животот ми донесе и нови пријатели и колеги а еден од нив е и Ели Рамик. Нашата позитивна енергија не натера на заедничка соработка. Снимивме две дуетски песни и со едната настапивме на Гранд а со другата на „Охрид фест“… Симболика…Имам 54 години и мислам дека за ништо не е доцна…Напротив, сега е вистинското време.